dcsimg
Image of Common Whitethroat
Unresolved name

Common Whitethroat

Sylvia communis

Обично грмушарче ( Macedonian )

provided by wikipedia emerging languages

Обичното грмушарче (науч. Sylvia communis) е вообичаена, широко распространета мала врапчевидна птица која се размножува низ Европа и умерена западна Азија. Таа е птица преселница, што зимува во тропска Африка, Арабија и Пакистан. Оваа птица гнезди во Македонија.

Опис

Обичното грмушарче е една од неколкуте Sylvia видови каде се разликуваат мажјаците од женките, со полов диморфизам. Птицата е со големина на врапче, долга 13-15 см. Кај мажјаците, главата и тилот се пепелави, а грбот и крилјата кафеави. Опашката е кафеава со бели рабови. Градите се кремаворозови, стомакот белкав, а грлото бело. Горниот дел од крилјата имаат портокаловокафеави рабови. Женката нема пепелави пердуви на главата, таа е кафеава, а долниот дел сличен, малку посветол. Грлото не е бело, туку е белкаво. Кога стоии, кај птицата е карактеристична ’рѓакафеавата боја на крилото.[2] Очите кај мажјаците се светло портокалови, а кај женките жолтокафеави до маслинавокафеави.

Однесување

Живеалиште

Оваа птица најчесто се среќава во рамнините и предпланинските падини. Живее во отворени предели со грмушки: пасишта, ливади, периферии на шуми, овоштарници, обработливи површини и паркови во градовите. Во живеалиштето мора да има грмушки каде птиците ги прават своите гнезда. Ги избегнува иглолисните густи шуми.

Исхрана

Слично на повеќето грмушарчиња и овој вид, исто така, се храни со инсекти, кои ги собираат по гранките на дрвјата и грмушките и ретко на земја. Јаде бубачки, мали мушички, комарци, пајаци, ларви, мекотели, скакулци, пеперуги и нивните гасеници. Малите се хранат исклучиво со многу мека и нежна храна - гасеници на пеперуги и пајаци. Наесен конзумираат и ситни меки плодови и семиња. Јадат капини, малини, глог и друго. По напуштањето на гнездото на младите и од второто легло, возрасните и младите почнуваат активно да се хранат, за да акумулираат масти, кои им се потребни за долгата миграција. Овие птици се многу корисни како прочистувачи на лисјата и плодовите од штетните инсекти.

Огласување

Пеење на обичното грмушарче

Пеењето на обичното грмушарче е брзо со стругави звуци со три надолни тонови. Звуците кои ги создава може да се опишат како тир-ли-ви-тир-ли-чет-чит-читирли, а кога е вознемирено испушта кратко, јасно и силно чек. Почетокот на пеењето е тивко, а крајот - силен и остар. Како и повеќето грмушарчиња брзо го прифаќа пеењето на другите видови и со задоволство го имитира. За разлика од другите грмушарчиња, обичното пее и за време на летањето.

Размножување

 src=
Женка со пилиња

Парењето започнува веднаш по пристигнувањето од преселбата, а обично порано пристигаат мажјаците. Тие пеат, качени на високите гранки на дрвјата и грмушките, за да ги привлечат женките. Тие пеат летнувајќи нагоре и директно спушатајќи се надолу, засолнувајќи се во грмушките. Додека се во воздух два-трипати ја повторуваат песната.

Гнездото го прават директно на земјата, во пониските делови на сувите грмушки или во густите високи треви, коприви, плевел и др., не повисоко од 25 см од земја. Изградбата ја започнува кога вегетацијата бувнува, за да го скрие гнездото. Ова обично се случува не порано од почетокот на јуни. Го гради од трева и корења, а внатре го постила со мов, коса и сл. Несе од 4 до 6 јајца, светло жолти, зеленкави или кафеавкави, испрскани со маслинавокафеави или виолетовосиви дамки. Понекогаш дамките се толку многу, што целосно ја покриваат позадината. Големината им е 17-20 мм во должина и 13-14 мм во ширина. Само женката ги инкубира јајцата во тек на 11-12 дена. Младенчињата остануваат кај родителите околу 10-12 дена, по што го напуштаат гнездото. Во Јужна Европа често одгледуваат и второ легло.

Статус

Популацијата на видот во Европа се проценува на 14-25 милиони парови кои формираат 50 до 74% од целата светска популација. Таа е нерамномерно распределена и на површина од 1 км² може да има до десетина пара. Според првичните податоци од мониторингот на обичните видови птици, овој вид е со силно растечки тренд во Европа. Проценката на глобалната големина на популацијата во 2001 година е меѓу 57 и 150 милиони птици. Спред Црвената листа, оваа птица е во категоријата на вид со најмала загриженост[3].

Наводи

license
cc-by-sa-3.0
copyright
Автори и уредници на Википедија

Обично грмушарче: Brief Summary ( Macedonian )

provided by wikipedia emerging languages

Обичното грмушарче (науч. Sylvia communis) е вообичаена, широко распространета мала врапчевидна птица која се размножува низ Европа и умерена западна Азија. Таа е птица преселница, што зимува во тропска Африка, Арабија и Пакистан. Оваа птица гнезди во Македонија.

license
cc-by-sa-3.0
copyright
Автори и уредници на Википедија