Барската кокошка (науч. Rallus aquaticus) е крајбрежна птица од фамилијата блатни кокошки (Rallidae), која се размножува во бујни, растителни, влажни предели низ Европа, Азија и северна Африка. Таа е птица преселница од северните области, но во појужните и умерени е постојан жител преку целата година. Ја има и во Македонија.
Фамилијата на блатните кокошки се состои од речиси 150 видови. Иако потеклото на групата се изгубило во античко време, најголем број видови и најпримитивни форми се среќаваат во стариот свет, што укажува дека ова семејство потекнува таму. Сепак, родот Rallus (блатни кокошки), групата долгоклуни птици од трските, на кои припаѓа и оваа птица, се појавила и во новиот свет. Најверојатно, еволуирале од една инвазија преку Атлантикот.[2] Барската кокошка прв ја опишал Карл Лине во неговата Systema Naturae, 1758 под сегашното научно име Rallus aquaticus.[3]
Има три појасно дефинирани подвида на оваа птица.[4]
Барската кокошка е средно голема блатна птица, со должина од 23 до 28 см, со распон на крилјата од 38 до 45 см. Мажјаците обично тежат од 114 до 164 грама, а женките се малку помали со тежина од 92 до 107 грама.[6] Горните делови од главата до опашката се маслинавокафеави со црни линии, особено на рамењата. Од страните на главата и долните делови кај градите е сивкавосина, освен црнкавиот дел од клунот до очите и кафеавото од страните на градите. Слабините се во црно-бели линии, а под опашката е бела со потемни линии. Долгиот клун и очите се црвени, а нозете се светло кафеави. Половите се исти, со тоа што женките се малку помали имаат потенок клун.[7] Младенчињата имаат црнкава круна и бела брада и грло. Долните делови им се кремави или бели со потемни линии, а слабините се во линии кремаво-кафеави, а не црно-бели. По сезоната на парење, барската кокошка има интезивно митарење и е безлетна околу 3 недели.[1] Огласувањето на оваа птица е слично на гровтање и цвичење како прасе. Ваквите звуци ги испуштаат за означување на територијата, за тревожење и известување. Додворувачаката песна на двата пола е тик-тик-тик, мажјакот со малку понизок тон, а завршува со треперлив звук од женката. Мажјакот може да пее со саати. При лет, испуштаат остар свиреж, често пропратен со гласен повторлив крик од страна на мажјакот кога ѝ го покажува местото за гнездење на женката и гугукање кога се во гнездото со пилињата. Овие птици се најгласни кога го одбираат местото за гнездење и во раната фаза на додворување кога пеењето продолжува длабоко во ноќта. [4]
Барската кокошка живее на места со постојана влажност, со стоечки или бавно проточни води, висока и бујна вегетација, со трски, ириси и слични водни растенија.[4] Живеат и во солените крајбрежни мочуришта. Кога мигрираат или во зима, користат поразнолики влажни живеалишта, вклучувајќи бари, градини и дупки со ѓубре,па дури и такви што замрзнуваат.[8]
Со своето перје кое се претопува во средината, оваа птица многу тешко може да се забележи. Нејзиното тенко тело ѝ овозможува да се провлекува низ трските, а ако се најде во опасност на отворено, таа се „скаменува“.[9] Оди исправено, но кога е во опасност потклекнува и трча. Плива, кога е неопходно, а кратки растојанија прелетува со нозете испружени надолу. Иако летот ѝ изгледа слаб, таа е способна да прелетува долги преселби, ноќе.[5] Барската кокошка ја брани својата територија, понекогаш заедно, двајцата од парот, напаѓајќи го натрапникот со испружен врат.[4]
Барската кокошка е моногамна и многу територијална кога се размножува. Паровите се создаваат веднаш штом пристигнат од миграција, па дури и за време на летот. Во поголеми пространства, со добри услови за исхрана, овие птици гнездат на оддалеченост од 20 до 50 м. Територијата варира во големина, но најтипична е од 300 метри. На почетокот парот се додворува и се спојува со повици. Мажјакот го избира местото за гнездење и ѝ го покажува на женката, со накострешен грб, кренати крилја, испрчена опашка и клун насочен вертикално надолу. Ова додворување е придружено со гласни повици. Пред спарувањето, мажјакот ги крева своите крилја и опашка, и со својот клун си ги допира градите. Мажјаците ги хранат женките за време на додворувањето, а за време на инкубацијата, женката може да се тргне од гнездото за да кружи околу мажјакот, нежно да го повикува, да го трие нејзиниот од неговиот клун и да трчка од и кон него.[4]
Гнездото е направено од вегетацијата која е достапна, обично од страна на мажјакот, за еден ден. Кренато е на 15 или малку повеќе сантиметри од нивото на мочуриштето, понекогаш конструирано на купче корења или слична поддршка. Може да се постави и повисоко ако водата знае да го крене своето ниво. Гнездото е околу 15 см во пречник и 7 см високо. Добро е скриено, со тесен приод. [4][9][10]
Обично несат 6-11 јајца.[4]Јајцата се од валкано бели до розовокремави, со црвенокафеави дамки од страните.[10] Обата родитела ги квачат, но женката малку повеќе. Инкубацијата трае 19-22 дена. Храната ја носи родителот кој не инкубира во моментот. Пилињата по два дена можат да го напуштаат гнездото, но родителите сè уште ги хранат. По пет дена тие и самите си наоѓаат храна.[4] Стануваат независни по 20-30 дена, а може да летаат по 7-9 недели.[4] Ако гнездото биде откриено, женката е во состојба да ги пренесува јајцата или пилињата едно по едно на друга локација. Јајцата ги пренесува во клунот, а пилињата под крило.[9] Овие птици стануваат сексуално зрели на 1 година, а обично имаат по 2 легла годишно. Најголема регистрирана возраст за оваа птица е 8 години и 10 месеци.
Барските кокошки се сештојади, иако тие главно се хранат со животни, како на пример, со пијавици, црви, полжави, мали ракови, пајаци, како и широк спектар на копнени и водни инсекти и нивните ларви. Исто така, јаде мали 'рбетници, како што се водоземци, риби, птици и цицачи, кои ги убиваат или ги јадат како мрши. 'Рбетниците ги убива со удар на клунот кој го крши ’рбетниот мозок на пленот. Растителната храна, која ја конзумира повеќе во есен и зима, вклучува пупки, семиња, цвеќиња, плодови и овошје.[4]
Бројот на барските кокошки опаѓа, но сепак има голема популација од 100.000 до 1.000.000 возрасни, како и голема распространетост на 15.600.000 км2. Затоа спаѓаат во категоријата на најмала загриженост. Луѓето со илјадници години ги јаделе барските кокошки,[11] ги јаделе Римјаните,[12][13] ги има на фреските во Помпеја,[14] каде консумацијата продолжила од средниот век до ден денешен.[15] Како и да е, заради животната средина и нејзината прикриеност, ловот е отежнат, и не претставува сериозна закана за овој вид.
Барската кокошка (науч. Rallus aquaticus) е крајбрежна птица од фамилијата блатни кокошки (Rallidae), која се размножува во бујни, растителни, влажни предели низ Европа, Азија и северна Африка. Таа е птица преселница од северните области, но во појужните и умерени е постојан жител преку целата година. Ја има и во Македонија.